Како социјалните мрежи го уништуваат нашиот живот
Знам дека на оваа тема имате видено стотици видеа и статии но, мислам и со право во толкава мера се зборува за истата. Веројатно ние сме првата генерација што изгуби контакт со вистинските вредности и убавини на овој свет. Се’ што е убаво го заменивме со екран, со слушалки и безброј саати на социјалните мрежи. Едно од прашањата што цело време си го поставувам е: зошто сите сакаат да го споделат својот живот со другите, и зошто сите сакаат да знаат за тоа како живеат другите луѓе? Доколку си ти навистина среќен човек, духовно, ментално и физички, зарем ќе ти биде битно другите да те видат како пиеш кафе? Која е потребата да бидеме видени и слушнати? Треба да се запрашаме себеси, која празнина во нас се обидуваме да ја надополниме со тоа што се експонираме на социјалните мрежи. Знам дека сите луѓе сакаат да бидат слушнати и видени, тоа е сосем нормално за денешното друштво. Колку од нас можат да издржат сами со себе без телефон, без музика, без екрани, само вие и тишината? Веројатно таа тишина би ни ги прободела ушите во рок од десет минути. Повеќе не знаеме да бидеме сами со себе, не знаеме да уживаме во тишината, не знаеме да го бараме нашиот внатрешен мир. Според една статија од Backlilno Team, просечниот човек поминува седум часа дневно на телефон. СЕДУМ. Тоа е скоро цело работно време. Замислете колкав дел од животот ни одземаат тие екрани? Морам да кажам дека јас не сум против социјалните мрежи, далеку од тоа, јас зборувам за погрешното и прекумерното користење на истите.
Зборот го уби писмото, екранот го уби зборот
Денес младите не знаат да комуницираат помеѓу себе, и кога ќе излезат на “кафе”, повеќето време го поминуваат на телефон. Зарем не е тоа жално? Колку од нас телефонот го носат насекаде каде и да одат? Дури и во тоалет? На се повеќе луѓе читањето книги им е далечно, нивниот мозок не може да се фокусира повеќе од 1 минута. Научени сме на инстант допамин. Доколку некое видео е подолго од една минута тогаш го прескокнуваме, мислејќи во себе “Кој ќе го гледа ова? Многу е долго”. Колку планови, сонови и идеи изумираат додека го трошиме нашето време на социјалните мрежи. Има еден тон покорисни активности од социјалните мрежи. Колкав број на деца под 10 години се зависни од телефони? Замислете, немате ни 10 години а зависен сте од телефон. Зарем тие деца ќе имаат фокус и концентрација да слушаат предавања долги два часа? Да учат книги поголеми од пет стотини страници? Треба да сфатиме дека животот на социјалните мрежи е лажен живот, таму ќе ги видиме само убавите моменти од животите на луѓето, а тоа ќе ни створи слика во нашиот ум дека сите живеат перфектно, освен ние. Никој не ги споделува своите порази. А животот е полн со подеми и падови. Но на социјалните мрежи има само подеми, сите остваруваат некакви успеси, сите шетаат, сите посетуваат егзотични дестинации, сите се возат во скапи коли, сите уживаат, а ти? Ти седиш дома, го гледаш сето тоа и полека паѓаш во депресија верувајќи дека сите живеат така како што се претставуваат. Каква вредност најдуваат луѓето во тоа што ќе го експонираат своето тело на интернет? Каква? Денес сите тоа го прават, тоа веќе е стандард за просечна личност и просечно размислување. Вистински вредните личности работат во тишина, напредуваат, не споделуваат ништо, но живеат среќно и исполнето, далеку од лажниот свет на социјалните мрежи. Јас не користам социјални мрежи повеќе од шест месеци и можам да кажам дека имав само позитивни промени после таа одлука. Повеќе време за учење, пешачење, дружба, читање, размислување, креирање... Време имаме на претек, но за жал го трошиме најмногу пред екраните. Има толку многу добри работи на интернет и на социјалните мрежи, толку корисни профили за да научиме нешто, да прочитаме итн.. Да ги следиме и подржуваме тие профили, кога веќе сме на социјалните мрежи. Прекинете се бескрајното “скролање”. Искористете го вашето време паметно и мудро. Човек кој има 25 години изживеал скоро една третина од неговиот живот, можеби и повеќе. Како што старее така времето ќе поминува се побрзо и побрзо, за се помалку работи ќе имаме енергија и желба да ги правиме. Да не дозволиме нашите животи да поминат пред екраните залудно. Ограничете се на максимум 90-120 минути дневно пред екран. Ќе имате нови 4 часа што може да ги искористите да направите успех во вашиот живот. Под успех не подразбирам само пари и богатство, туку мир и спокојство. Во ова друштво многу е лесно да се издвоиме над просекот, доволно е да го намалиме времето поминато пред екраните и да се фатиме за вистинска работа, работа што ќе ни помогни да постигнеме благосостојба во нашиот живот. Човек во текот на неговиот живот троши залудно неколку години пред екран, залудно. Запрашајте се сами што имате запомнато од тие мал милион “рилс/шортс” што ги имате видено во последните 3-4 дена? Веројатно ништо. Ете така вашето време пропаѓа залудно. Сите ние имаме 24 часа дневно на располагање, па ајде да ги искористиме корисно!